Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер–Скопје во состав на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје е основан на 26 април 2010 година со посебен закон донесен во Собранието на Република Македонија.
Факултетот е следбеник на четиридецениската традиција на студиите од областа на дрвната индустрија, механичката технологија на дрвото и проектирање на мебел и ентериер што до учебната 2009/10 година се организираа во рамките на студиските програми на Шумарскиот факултет во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер претставува единствена високообразовна и научно–истражувачка установа од областа на технологијата на дрво и дизајн на мебел и ентериер.
Според наставно-образовната и научно-истражувачката работа, Факултетот спаѓа во групата на биотехнички факултети.
Во образовниот процес на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се организираат четиригодишни додипломски студии од прв циклус и едногодишни постдипломски (магистерски) студии од втор циклус, а во фаза на воведување е третиот циклус на студии - докторски студии.
Со завршување на додипломските студии, студентот се стекнува звањето Дипломиран инженер по дрвна индустрија со назнака на студиската програма, односно:
• Механичка технологија на дрвото
• Проектирање и технологија на мебел и ентериер
• Инженерство на мебел и дрво
• Дизајн на мебел и ентериер
Факултетот е сместен во зградата на Факултетот за земјоделски науки и храна, во источниот дел на Скопје, во населбата Автокоманда, на адресата Ул. 16-та Македонска бригада бр.3.
|